Разговаравме со Ира Бабиќ, директор на маркетинг агенцијата Brand Union, за нејзиното долгогодишно искуство во светот на дигиталниот маркетинг и причината поради која таа се решилa за оваа професија! Ира е инструктор на нашата Академијата за дигитален маркетинг задолжена за финалните проекти на студентите.

Ира, колку време се занимаваш со дигитален маркетинг? Колку кампањи имаш зад себе? Која од тие ти е омилена?

Пред некој месец станав полнолетна во маркетинг професијата, поточно 18 години како професионално се занимавам со маркетинг. Се разбира почетоците и првите години беа фокусирани на традиционалниот маркетинг, како и единствен во тоа време. Мојот прв контакт со дигиталниот маркетинг е во 2008 година, кога водев Facebook профил на еден познат скопски ресторан во тоа време. Тогаш сè уште не постоеја бизнис профили на Facebook, и верувам дека јас го водев/работев првиот профил во Македонија кој го користеше Facebook за професионална комуникација и привлекување на гости. 

Brand Union се основа во 2012, тогаш позиционирана како специјализирана агенција за дигитален макретинг, и беше логичен резултат од мојот претходен ангажман и интерес за дигителен маркетинг, но и како одличен празен простор, бидејќи дигиталниот канал за комуникација сè уште беше непознаница за многу луѓе во Македонија. 

Се разбира дека не би можела како бројка да дефинирам колку кампањи имам зад себе, бидејќи како агенција во последниве 8 години имаме работено на многу долгорочни и краткорочни проекти. Не би можела  да издвојам омилени или неомилени кампањи бидејќи секоја значела некакво искуство, нешто што сме научиле, поради што сме станале подобри. 

 

Зошто ја одбра оваа професија? Како се заљуби во оваа професија? 

Секогаш ме влечеше нешто креативно, желба ми беше да се запишам на глума. Но, бидејќи ми беа познати условите во театарската професија, донесов прагматична одлука и се запишав на економски, и тоа на Финансиско сметководствен менаџмент, смер кој е сосема спротивно од креативност. Кога дипломирав, опциите ми беа да работам во банка, осигурителна компанија, сметководство, што ми беше неприфатливо, и за среќа во тој период се појави оглас за работа во Идеа Плус, се пријавив и за брзо почнав со работа. Од самиот почеток се вљубив во маркетингот и работата во агенција. Динимиката, адреналинот, луѓето, креативноста, веројатно се причините зошто ја сакам маркетинг професијата. 

 

Какво ти е искуството како инструктор на Академијата за дигитален маркетинг во Brainster? 

Во Brainster предавам подолго време, сигурно досега имам предавано на 10-тина групи, дел од Академијата за дигитален маркетинг. Искуството ми е позитивно, се радувам на секоја нова генерација, поради можноста да запознавам млади амбициозни луѓе кои сакаат да научат нешто ново, но и поради можноста и јас да научам нешто од нив преку нивните прашања, размислувања, идеи. Заедно поминуваме 6 часа и се обидувам моето професионално искуство да го пренесам преку практично работење на реални случаи и разработка на стратегии и кампањи. 

 

На кој начин и со што можеме да станеме уште подобри маркетери? What’s your ‘extra mile’?

Би рекла дека тоа е следење на светските трендови и проактивно менување и адаптирање. Маркетингот и комуникациите се жива материја, не постои copy-paste стратегија, и поради тоа е важно да сме секогаш во тек со новите трендови и актуелните случувања. Дополнително, добар маркетер и креативец е оној кој се интересира и покажува љубопитност за различни области, како што се уметност, книжевност, новости и политика, дневни случувања, музика, мода, итн. бидејќи добрата идеја никогаш не се знае од каде ќе црпи инспирација. 

 

Што би има препорачала на индите маркетери или оние кои размислуваат да започнат ваква кариера?

Професијата е прекрасна, но истовремено и стресна. Маркетингот по правило подразбира работа на кратки рокови, динамичност, комуникација со многу луѓе, постојано интересирање и учење на нови работи, согласно тоа и адаптирање, па се зависи од индивидуалниот карактер и темперамент. Доколку сте личност која е креативна, во потрага по возбуда и динамика, тогаш маркетинг е одлична професија за вас. 

 

Раскажи ни на кратко кои ти се обврските во еден ден како дигитален маркетер?

Како директор на маркетинг агенција, моите секојдневни обврски се комуникација со постоечки и потенцијални клиенти, разбирање на нивните потреби, комуникација со тимот за секојдневните обврски, справување со евентуални проблеми, финансиски менаџмент, градење на стратегии за клиентите и агенцијата итн. 

 

Што најмногу сакаш да работиш? Кој дел од оваа професија најмногу ти лежи?

Многу години сум во оваа професија, сум работела на најразлични проекти и сум имала можност да доживеам повеќе сегменти од маркетингот. За сите овие години сум работела на маркетинг истражувања, спонзорства и настани, продукција, развивање на брендови од самиот почеток итн. Од сите овие искуства заклучувам дека постојаната комуникацијата со луѓе од разни професии, координација на повеќе тимови и возбудата и адреналинот пред започнување на некоја нова кампања се неколку клучни работи кои најмногу ги сакам. Ја сакам професијата и кога би се вратила назад во 2001 година повторно би одбрала професионално да се развивам во маркетинг дејноста. 

 

Ако и ти размислуваш за кариера во дигиталниот маркетинг, аплицирај ТУКА и резервирај го своето место веднаш!