Академијата за програмирање одблиску е серијал на текстови преку кои на потенцијалните студенти им опишуваме што се случува кога ќе одлучат да променат кариера и да станат наши студенти. Третиот текст е за менторските средби.

 

Пред да почнеме со објаснување, на кратко да ви кажеме за академиите за програмирање. Имаме 2 академии за програмирање, Академија за Front End програмирање и Академија за Full Stack програмирање. Академијата за Front End е со времетраење од 35 недели, а Академијата за Full Stack трае 40 недели. Во тие 35, односно 40 недели студентите имаат по 4 средби неделно. 2 пати неделно предавања по 2.5 часа, 1 неделно менторска средба од 1 час и викенд работилница која трае 4 – 5 часа. Повеќе детали за 1 работна недела на академијата ќе објавиме во некој од следните текстови.

 

Е сега, збор-два за менторските средби. Освен предавањата и викенд работилниците, во една работна недела на академијата за програмирање имаме и менторски средби. Менторските средби се со времетраење од 1 час, на кој 5 студенти работат со 1 ментор. За да имаме ефикасна менторска средба, студентите треба да дојдат подготвени со многу прашања.

Поразговаравме со студентите од Академијата за програмирање, ги прашавме за нивното искуство со менторските средби.

 

Во една работна недела имате многу активности меѓу кои и менторски средби. Какво е вашето искуство на овие средби?

Елена:  Да точно така, целата недела ни е буквално букирана со Brainster. Предавања два пати неделно, менторски средби, вежби во тимови и саботно вежбање за целата материја помината во текот на неделата. Од сите активности би ги издвоила менторските средби бидејки се време поминато со менторот 1 на 1. Атмосферата секогаш e позитивна и релаксирачка што го прави часот интерактивен и ефикасен каде што никој не се срами да го каже своето размислување. Имаме среќа што имаме вистински професионалци за ментори бидејќи менторството е важно, не само заради знаењето и вештините што ги добиваме од менторите, туку и затоа што менторството обезбедува професионална социјализација и наша лична поддршка за да ни го олеснат патот до успехот.

Стојан:  Во текот на неделата имаме доста обврски. Прво, тука се двата часа неделно, на кои треба да учиш и да се фокусираш максимално. Второ, викенд работилницата што ја имаме секоја сабота, во која треба практично да се покаже знаењето кое сме го стекнале во текот на неделата. Потоа, имаме секоја недела нов предизвик. И за крај на неделата, имаме менторска средба, која според мене е неверојатно корисна.

Димитар:  Да, сосема е точно дека во една недела имаме доста активности и задачи. Сепак активностите се доста интересни и ефективно го пополнуваат моето време. Менторските средби се еден вид на прикажување на тимска работа. Нивната цел е да нè припремат нас како програмери и ни претставуваат еден вид симулација за како тоа реално би изгледало работно место. Во овие средби ни даваат проект, кој што подоцна се дели меѓу нашата група и сите заедно како тим работиме на истиот. Многу голема предност на овие менторски средби е тоа што нè учат на работа во група, како и да се консултираме со нашите колеги и да го најдеме најдоброто заедничко решение на некој проблем. Овие проекти, меѓу другото, се ограничени со временски рок кој служи како симулатор на тимска работа под притисок.  После, кога сè ова ќе заврши и ние го имаме сработениот проект, истиот го презентираме на нашите ментори.  Главната цел на нашите ментори е да ни укажат подобар, поедноставен и поефикасен начин на изработка на проектот и доколку сме се соочиле со некој проблем, појаснување на истиот.

 

Дали и како менторските средби придонесуваат во процесот на вашето учење?

Стојан: Менторските средби придонесуваат во учењето на повеќе начини. Првиот е самата дополнителна вежба.  Дури и да немаш никакви нејасни работи, ќе имаш дополнителна вежба во која ќе треба да се посветиш максимално. Понатаму, при решавање доколку имаш нешто нејасно во врска со вежбата на менторскиот час веднаш се посветува време за сè да биде објаснето. Исто така, не мора да поставуваме прашања само за вежбата, туку за се што нè интересира. Најдобриот дел е самиот пристап на ментоските средби, односно група од 5 луѓе кои си помагаат меѓусебе.

Димитар: Секоја менторска средба за мене претставува презентација на нов проект лимитиран со време. Секоја средба имаше влијание за тоа како јас подобро да придонесам за еден тим и како еден добро сплотен тим може одлично да функционира под притисок. Оваа низа од неделни проекти придонесе збогатување во моето знаење, ефективност како и во моите истражувачки и аналитички способности во изнаоѓање на решение на одреден проблем. Секој проект претставува нов предизвик, ново искуство, нов проблем преку кој може да научиме многу.

Елена:  Менторските средби можеби и најмногу помагаат во совладувањето на материјалот. Тука сме тимот и менторот, споделуваме мислења, разни решенија, нема лошо размислување. Менторските средби се доста поинтерактивни од предавањата и најмногу може да се научи. Во тие минути мене ми се менуваше начинот на размислување, целиот “mindset”, логиката како да се пристапи на проблемот и тогаш најбрзо се доаѓа до решението. За мене би кажала дека менторските сесии беа клучни за совладување на материјалот како и за завршувањето навремено со неделниот предизвик.

 

Какво ви е досегашното искуство со менторите на менторските сесии?

Димитар: Одлично, нашите ментори секогаш се одлично спремни и отворени за дебата за тоа кое решение е поефективно за одреден проект. Секој ментор има значаен придонес во збогатување на моето знаење. Нашите ментори секогаш формираат пријатна атмосфера за поставување на прашања што секогаш мотивираа. Сметам дека е многу важно менторите да направат една продуктивна атмосфера, а тие предобро го прават истото. Успешно ни создаваат една работна атмосфера, каде што сите можеме да сме слободни, но во исто време сконцентрирани и продуктивни. Оваа е една од најважните карактеристики што би требало да ги имаат сесиите од ваков тип.

Елена: Во тие 60 минути менторите несебично го предаваат своето знаење, сепак тоа се експерти со долгогодишно искуство од работење во областа. Помагаат да обрнеме внимание на потребните работи и да останеме на вистинскиот пат. Менторите се непроценливи од толку многу причини, но се неопходни за обезбедување знаење, мотивација и совети, охрабрување кога ви е најпотребно, помагаат во личен развој и многу повеќе. Ако имате доволно среќа да имате ментори како моите кои можат да бидат сè од сите овие работи, ќе имате предност пред многу други, затоа што имате тајно оружје што може да ве однесе на врвот!

 

Доколку сакате предизвици и имате желба постојано да се надградувате, се гледаме на Академијата за програмирање.