Академијата за програмирање одблиску е серијал на текстови преку кои на потенцијалните студенти им опишуваме што се случува кога ќе одлучат да променат кариера и да станат наши студенти. Вториот текст е за викенд работилниците.

 

Пред да почнеме со објаснување, на кратко да ви кажеме за академиите за програмирање. Имаме 2 академии за програмирање, Академија за Front End програмирање и Академија за Full Stack програмирање. Академијата за Front End е со времетраење од 35 недели, а Академијата за Full Stack трае 40 недели. Во тие 35, односно 40 недели студентите имаат по 4 средби неделно. 2 пати неделно предавања по 2.5 часа, 1 неделно менторска средба од 1 час и викенд работилница која трае 4 – 5 часа. Повеќе детали за 1 работна недела на академијата ќе објавиме во некој од следните текстови.

 

Е сега збор-два за викенд работилниците. Освен предавањата и менторските средби, во една работна недела на Aкадемијaта за програмирање имаме и викенд работилница. Викенд работилниците траат помеѓу 4 и 5 часа. Во првиот час на секоја викенд работилница се враќаме наназад на материјалот од претходната недела и го повторуваме. Останатите часови решаваме 4-5 задачи со помош на инструкторите.

 

На викенд работилниците главната улога ја имаат студентите, а инструкторите се цело време активни за да помогнат и да следат како студентите напредуваат. Кога студентот ќе наиде на некој проблем при решавање на задачата, инструкторот му дава насоки како да ја реши, но во прв момент не му ја решава целата задача на студентот. Тоа важи за сите задачи. На крај на часот инструкторот ги решава сите 4-5 задачи за да бидеме сигурни дека студентите го имаат решението. Освен решението, студентите добиваат и видео снимка од часот со објаснувањето на задачите за тие да можат повторно да вежбаат.

 

Иако овие викенд работилници траат малку подолго, студентите на ваков начин учат практични работи од програмирањето и учат како да решаваат програмерски проблеми.

 

Ако ова не ве исплаши, се гледаме на Академијата за програмирање.